Индустријата за развивање на игри во Македонија своите корења ги „пушти“ релативно одамна, во 2012 година со креирањето на првата асоцијација МАГДА. Главните случувања на почетокот беа воглавно гејм џемови, митапи и едукативни викенди кои едуцираа млади и студенти, но уште поважно ги вмрежуваа луѓето со што се градеше и заедницата. Со оглед на тоа што тогаш сеуште ги немаше сегашните алатки за комуникација, настани со in-person беа најдобриот начин за размена на знаење и контакти.
Од тогаш заедницата е значително зголемена. Бројот на луѓе кои сакаат да градат кариера во оваа гранка молњевито се зголемува и секој следен собир е се поброен. Веќе постојат неколку компании за развивање на игри со над 50 вработени, има неколку успешни инди стурија и игри кои се издадени и имаат добри бројки, но од особено значење е и фактот дека Македонија има и unicorn игра која ја стави Македонија на мапата за развивање на hyper-casual игри за мобилни телефони.
Во 2022 година British Council финансираше да се изработи првото мапирање на ингустријата за развивање на игри во Македонија. Со оглед на тоа што ова е прво мапирање, голем дел од податоците се „дешифрираа“ во процесот на истражувањето.
Се проценува дека во моментов во индустријата работат преку 300 луѓе. Позициите се разновидни. Благодарение на поднебјето, уметничките факултети и уметноста во Македонија, АРТ секторот никогаш не каскал зад западните. Секако тука се и програмерите кои со години наназад се едни од најбараните и најангажираните во светот. Кога на ова ќе го додадеме брзиот интернет кој Македонија го има многу одамна, ќе ја додадеме упорноста и истрајноста на младите таленти за да напредуваат, ја прави нашата земја една од најплодните почви за развивање на игри.
Најголемиот број на студија се стационирани во Скопје, Битола и Охрид. Помалите градови најчесто имаат помали студија кои потоа соработуваат со поголемите од овие неколку градови. Дополнително гејминг секторот го збогатува и постоењето на сериозен подкаст за гејминг, GG.MК, кој ја „наводнува“ заедницата веќе 11 години, секој понеделник во живо како и постоењето на еден од најголемите е-Спорт настани во регионот A1 Game Fest.
Главната стратегија на MGI е поголемо вклучување на државата во гејминг секторот. На овој начин ќе се надминат проблемите со кои се соочуваат развивачите и издавачите како што се набавка на дев-китови, двојното оданочување, немањето на шифри во Националната класификација на дејности, а ќе се воведат даночни стимулации и олеснувања, финансиска и правна заштита и друго со што ќе стимулираат странските и домашните компании да вложуваат во овој сектор.