Брендирање на работодавец во гејминг, или гејминг во Брендирање на работодавец

Како работата станува уживање

Пред да ги превртите очите и да се сетите како некој на LinkedIn напишал дека брендирањето на работодавец е само уште еден начин да се измамат работниците, да пробаме заедно да ја надминеме таа стигма и да се согласиме за тоа што е брендирање на работодавец. А можеби уште поважно за Вас – што е брендирање на работодавец во гејминг и како тоа се одвива во пракса.

За да ми верувате полесно, учтиво е прво да се запознаеме, нели? Јас сум Ива, сениор специјалист за брендирање на работодавец во компанијата Smallpdf, но исто така сум лојален член, пријателка и автор на порталот Empple, што се фокусира на развојот и образованието за брендирање на работодавци во Србија.

Почнуваме за 3, 2... Спремни?

„Тим за брендирање на работодавец е тој што ве принудува да одите на викенди за тим билдинг за да направат убави слики и да привлечат нови работници кои исто така ќе бидат принудени да одат на викенди за тим билдинг.“

Искрено, и да и не. Да, ние сме тимот што размислува како подобро да го поврземе тимот, но не, ако добро си ја вршиме работата, не сме тимот што ги принудува луѓето да си го трошат слободното време социјализирајќи со колегите. Освен ако инсистираат, тогаш можеме да им помогнеме.

Ако не е тоа, тогаш што е Брендирање на работодавец?

Суштината на нашата работа е сосема поинаква – целта ни е да го поддржуваме работодавецот да има мотивиран тим во секое време, со кој ќе ги дели истите вредности и заеднички цели, за тимот да биде задоволен на своето работно место, што значи дека не треба да се грижи за ништо друго, освен работата и целите, но и да помогнеме на тој имиџ да ја пречекори рамката на компанијата и да го привлече вниманието на оние кои бараат работа за да им покажеме дека има добри места за работа и дека тука можат да се развиваат во правецот во којшто сакаат.

Знам, знам. Звучи на бајка. Но никој не рече дека работава е лесна. Секојдневно соработуваме со експерти од човечки ресурси кои ни даваат важен увид во барањата и интересите на кандидатите, дали нашите вработени се задоволни, мотивирани и ангажирани во работниот простор, а потоа им помагаме детално да го анализираат сето тоа. Потоа, со колегите од маркетинг, создаваме стратегија за внатрешна и надворешна комуникација што ќе помогне пораката да ни биде разбрана и прифатена од сите релевантни целни групи – во овој случај тоа се нашите вработени, но и кандидати.

Третиот тим со кој постојано сме во контакт е менаџмент – затоа што сè се распаѓа ако тимските менаџери, како и нивните менаџери, не ја испраќаат истата порака како нас и не создаваат организациска култура што ја поддржува.

Суштината на нашата работа е сосема поинаква – целта ни е да го поддржуваме работодавецот да има мотивиран тим во секое време, со кој ќе ги дели истите вредности и заеднички цели, за тимот да биде задоволен на своето работно место.

Но како изгледа сето ова во гејминг индустријата?

Често многу покреативно отколку во која било друга, верувајте ми. Зошто? Затоа што гејмингот бара креативност – од менаџерите до вработените и нас – тимот за брендирање на работодавец.

Принципот главно е ист, но се разликува во финесите. Првите чекори кога поставувате стратегија е секогаш да почнете со дефинирање на целната група. Прво ќе истражиме со кого зборуваме и според тоа ќе одбереме тон на комуникација и како да пристапиме кон таа група луѓе. Исто така, откако ќе ја разбереме публиката, ќе можеме да заклучиме каде „се дружат“ или на кои канали можеме да ги контактираме. На пример, ќе бараме инженери на GitHub, но гејмерите и нивната публика многу почесто се на Discord.

Потоа ќе ја истражиме културата на нашата организација и нашите вредности, што ни олеснува да допреме до кандидати кои ги делат истите вредности. 

Следи EVP, мерење на eNPS и cNPS, и многу други скратеници со кои нема да Ви додевам засега, но можеме да зборуваме за нив ако сакате!

Што точно треба да знам за Брендирањето на работодавец да ми стане професија?

Да зборувате со луѓе. Суштината на сè во нашата работа е дека може да биде многу едноставна ако ги слушаме податоците што ги добиваме од луѓето, нивниот фидбек, потреби, коментари и предлози. Секако, нема да го усвоиме секој предлог. Во тој случај, сите би работеле од дома, би имале тим масери кои нè посетуваат секојдневно, готвач кој ќе ни доаѓа дома за време на паузата и познатата „голема лизгалка со мала лизгалка на крајот што води кон базен полн со чоколадо.“ Слушаме конструктивни предлози што можеме да ги примениме и што се во согласност со нашите воспоставени вредности. 

Ако ги усложнуваме работите, копираме рецепти од други компании и пробуваме да решаваме проблеми со мотивацијата со фудбалче, работата ќе ни стане многу потешка затоа што нема универзално решение за секоја компанија.

Супер е да имате маркетиншко искуство затоа што ќе можете да спроведете некои идеи, концепти и формати што би требало полесно да резонираат со Вашата публика. Но не е страшно и да немате затоа што многу ќе соработувате со маркетинг за да го усогласите брендот на компанијата и работодавецот.

Супер е и да имате искуство со човечки ресурси затоа што подобро ќе ги разбирате метриките, ќе ги знаете слабостите на тимот на човечки ресурси и ќе имате подобра претстава како да ги поддржите, но повторно, не е проблем ако немате искуство затоа што многу ќе соработувате со нив и брзо ќе им го научите јазикот.

Како изгледа тоа во нашата компанија?

Нема да Ви покажам слики затоа што, спротивно на познатата изрека, не вредат илјада зборови како што вреди една добра иницијатива. Затоа ќе Ви споделам една на којашто сме особено горди.

Лани им дадовме 16 недели платен одмор на сите нови татковци во нашиот тим. Тоа се четири месеци! Зошто? Затоа што имаме многу инженери кои се на возраст кога стануваат родители и не е корисно ниту за нас ниту за нив да бидат исцрпени на работа и дома, загрижени затоа што новата мајка има полни раце работа, или од друга страна да не знаат дали тимот ќе може да ги постигне сите испланирани цели.  

Затоа ги слушавме нашите вработени и воведовме политика да им помогнеме целосно да си ги исполнат улогите во зададеното време – и улогата на татко и на колега.

Работава е прекрасна ако ја работите од срце!

Се надевам дека ве охрабрив да размислите за кариера во брендирање на работодавец. Ќе научите многу, ќе ги засакате луѓето, ќе станете амбасадор за Вашата компанија и, уште поважно, за културата што ќе ја изградите. Во светот на гејмингот тоа значи многу креативност и секојдневно уживање. Можете!

Вести

Ова беше без двоумење најдобриот и најмасовен Game Jam кој до сега се одржал во Македонија, а беше 15ти по ред!
Јас се викам Љиљана Грбиќ и дипломирав на додипломските студии на Факултетот за организациски науки. По завршувањето на факултетот решив да ја сменам професијата и да се занимавам со илустрација и концептуална уметност. Да се ​​смени професијата и да се биде „самоук“ уметник не е лесна задача, но не е ниту невозможно.
Зборувавме со над 20 сениори во српската гејминг индустрија. Кога ќе ги изгледате овие шест епизоди, би требало да ви стане многу појасно што можете и што сакате да направите во гејмингот. Ќе ги дознаете сите најбарани професии, најнови алати и различни позиции во индустријата.