АПЛИКАЦИЈА
За да аплицирате за оваа улога, обично е неопходно да имате одредена комбинација на образование, искуство и вештини. Често се бара диплома за дизајн на игри, компјутерски науки или слична област, иако релевантно искуство може да се стекне и преку самостојно учење или неформално образование. Пред сè, неопходно е да имате долгогодишно искуство со работа во индустријата, на позиции како што се дизајнер на игри, продуцент или програмер, бидејќи е важно детално да го разбирате процесот на развој на видео игри.
Треба да имате одлично портфолио кое ја прикажува вашата претходна работа и придонесот за успешни проекти. Портфолиото може да вклучува примери на документи за дизајн на игри, концептуална уметност, прототипови на игра и други релевантни материјали кои ја демонстрираат вашата креативна визија, лидерски вештини и техничка експертиза. Дополнително треба да прикажете одлична комуникација, тимски дух и вештини за решавање проблеми, како и страст за играње и посветеност на обезбедување висококвалитетни и иновативни искуства на играчите.
ИНТЕРВЈУ
За време на интервјуто може да очекувате прашања кои ќе ја проценат вашата креативна визија, лидерски вештини, вештини за решавање проблеми и познавања од индустријата. На интервјуто обично присуствуваат постари лица од различни тимови, извршниот директор/ка, продуцентите и клучните чинители. Тие може да прашаат за вашето искуство во управувањето со проекти, вашиот пристап кон поставување и комуникација на креативна визија, стратегии за управување и мотивирање на тимот и вашата способност да се движите низ предизвиците и да донесувате клучни одлуки за време на развојот на играта. Дополнително може да побараат од вас да разговарате за конкретни примери од вашето портфолио, да обезбедите увид во тековните трендови и технологии во индустријата и да ја покажете вашата страст за игри и посветеноста да дадете уникатни искуства на играчите. Вообичаени прашања за интервју се:
- Можете ли да ни го претставите вашето искуство од претходните проекти?
- Како пристапувате кон поставувањето и пренесувањето на креативната визија на играта?
- Како управувате и мотивирате разновиден тим?
- Можете ли да зборувате за конкретен предизвик со кој се соочивте за време на проектот и како го решивте?
- Кои, според вас, се најважните трендови и технологии кои ја обликуваат иднината на индустријата? Како останувате информирани и се прилагодувате на овие промени?
ТЕХНИЧКА ЗАДАЧА
Техничката задача често вклучува проценка на вашата способност да анализирате и предлагате решенија за специфични предизвици за развој на игри. Оваа задача може да бара од вас да оцените хипотетичко или реално сценарио, како што е оптимизирање на перформансите, решавање на техничките ограничувања или спроведување на одредени механики. Можеби ќе ви биде побарано да го покажете вашето разбирање за енџините за игри, програмските јазици, алатките за дизајн и најдобрите практики во индустријата со тоа што ќе го наведете вашиот пристап за решавање на техничките аспекти на задачата и ќе разговарате за потенцијалните стратегии.
Дополнително, техничката задача може да вклучува преглед и давање повратни информации (feedback) за асетите, како што се концепт арт, дизајн на нивоа или прототип од самото играње. Можеби ќе биде побарано да го оцените квалитетот, кохерентноста и ефективноста на овие асети во постигнувањето на планираната креативна визија и искуство во игра. Оваа задача ги проценува вашите вештини за критичко размислување, вниманието на деталите и способноста да им дадете конструктивен фидбек на членовите на тимот, како и вашето севкупно разбирање за техничките и креативните аспекти на развојот на играта.