АПЛИКАЦИЈА
За да аплицирате за улога на Уметник/ца за реквизити, обично треба да имате портфолио што ја прикажува вашата експертиза во 3Д моделирање, текстурирање и рендерирање. Ова портфолио треба да содржи примери на индивидуални предмети, интегрирани сцени од околината, т.е. да ја покажете вашата способност да создавате асети што придонесуваат за кохезивен свет на игри. Дополнително, мора да имате солидно разбирање за индустриски стандарден софтвер како што се Maya, Blender, Substance Painter и Photoshop, заедно со енџини за игри за рендерирање во реално време, како што се Unity или Unreal Engine.
Диплома во слична област, како што се компјутерска графика, дигитална уметност или дизајн на игри, може да биде предност, иако тоа не е секогаш услов за вработување. Треба да имате и одлични вештини за комуникација и соработка, бидејќи оваа улога вклучува тесна соработка со други уметници, дизајнери/ки и девелопери/ки за да го оживеете светот на играта заедно. Страста за игри и подготвеноста да се следат трендовите и случувањата во индустријата се високо ценети, бидејќи Уметникот/цата за реквизити игра клучна улога во обликувањето на визуелниот идентитет и гејмерското искуство.
ИНТЕРВЈУ
На интервјуто можете да очекувате дека вашето портфолио ќе биде детално дискутирано и дека ќе ги презентирате вашите минати проекти и ќе го објасните вашиот креативен процес. Покрај регрутерот/ката, на интервјуто често присуствуваат и други уметници за реквизити, членови на уметничкиот тим или уметничкиот/ката директор/ка. Тие може да прашаат за вашето искуство со различни софтверски алатки и за вашата способност да работите во рамките на техничките ограничувања, во исто време постигнувајќи уметнички достигнувања. Прашањата е можно да се фокусираат на вашето разбирање за процесот на развој на играта, вашиот пристап кон соработка и комуникација во тимот, вашата способност да се прилагодите на повратните информации и вашата подготвеност да ја повторите вашата работа за да ги исполните барањата и роковите на проектот. Вообичаени прашања за интервју се:
- Можете ли да не „прошетате“ низ вашето портфолио и да истакнете неколку проекти на кои сте особено горди?
- Како му пристапувате на процесот на креирање нов предмет, од концепт до финална имплементација во играта?
- Можете ли да зборувате за ситуација кога сте се соочиле со технички предизвик за време на проект и како сте го решиле?
- Како давате приоритет на задачите и управувате со вашето време за да ги исполните роковите на проектот?
- Можете ли да дадете пример за ситуација кога сте добиле конструктивен фидбек за вашата работа и како сте го примениле за да го подобрите конечниот резултат?
ТЕХНИЧКА ЗАДАЧА
Како дел од техничката задача, често се дава специфичен предлог или концепт за да се создаде предмет „од нула“ во ограничена временска рамка. Оваа задача им овозможува да ги проценат вашите вештини во 3Д моделирање, текстурирање и решавање проблеми. Можеби ќе ви биде побарано да создадете предмет што одговара на естетскиот и тематскиот контекст на играта и на тој начин да ја покажете вашата способност да ја интерпретирате уметничката насока.
Техничката задача обично вклучува неколку клучни чекори, како што се концептуализација на предметите, креирање 3Д модел, UV отпакување, текстура со соодветни материјали и детали и презентација на конечниот резултат. Оваа задача ви овозможува да ја покажете вашата креативност, да внимавате на деталите и способноста да работите ефикасно под притисок, а тоа на компанијата и дава корисен увид за вашиот потенцијален придонес.